ТУТУНАРИТЕ ЗАДОВОЛНИ ОД ПРОЦЕНКАТА Просечната цена речиси 420 денари

Сите 337 откупни пунктови во земјава се отворени, а исплатата на тутунарите се врши во рок од два до три дена.

ТУТУНАРИТЕ ЗАДОВОЛНИ ОД ПРОЦЕНКАТА Просечната цена речиси 420 денари
Фото: Принтскрин

Откупот на тутунот се одвива со забрзано темпо и досега е преземена околу половина од годинашната реколта, информираат од Сојузот на земјоделските здруженија. До овој момент се откупени 11.370 тони тутун од вкупно проценетите околу 22.000 тони, по просечна цена од 419,86 денари за килограм. Со ваквата динамика, најголемиот дел од родот се очекува да биде преземен до Нова година.

Во моментов се отворени сите 337 откупни пунктови во државата и откупот се одвива интензивно. Како што истакнува претседателот на Сојузот, Кире Ристески, речиси целиот откупен тутун е класифициран во прва класа, што се потврдува и со високата просечна цена.

„Компаниите во моментов откупуваат без одбитоци, а тутунарите се задоволни од проценката и сакаат што побрзо да го предадат родот и да ги добијат средствата, кои се исплаќаат во рок од два до три дена. Со ова темпо, летниот тутун, односно околу 18 до 19 илјади тони, ќе биде откупен до крајот на декември“, изјави Ристески.

Тутунот што е со повисока влажност ќе се откупува по Нова година, откако ќе се досуши, но од Сојузот уверуваат дека нема да остане неоткупен тутун од годинашната реколта. Истовремено, најавуваат дека при склучувањето на новите договори ќе инсистираат на рамноправен однос со откупувачите и на измени во законската регулатива.

„Не се откажуваме од барањето за повисока цена. Имаме поддршка од ресорното министерство за законски измени, со кои новите договори за производство да не се склучуваат без согласност на Сојузот и да се утврдат повисоки откупни цени“, додава Ристески.

Иако тутунарите во моментов немаат забелешки на проценката, тие остануваат на ставот дека цените треба да се зголемат, имајќи ги предвид зголемените трошоци за производство.

Според законската регулатива, 15 декември беше последниот рок сите 10 откупувачи да започнат со откупот на тутунот, а законскиот рок за откуп трае до 28 февруари.

CATEGORIES
TAGS
Share This