ТУТУНАРИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ – Целиот род ќе биде откупен до 28 февруари

Досега се купени околу 25.000 тони тутун по просечна цена од 419 денари за килограм

ТУТУНАРИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ – Целиот род ќе биде откупен до 28 февруари
Фото: Национал

Откупот на тутунот од ланската реколта привршува. Досега, откупувачите купија околу 25.000 тони тутун по просечна цена од 419 денари за килограм. Пунктовите за откуп ќе останат отворени до крајот на февруари, односно до законскиот рок, 28 февруари.

„Привршува откупот, но и кооперантите и откупувачите треба да имаат на ум дека, според закон, откупот на тутун трае до 28 февруари. Се појавуваат информации дека откупот е хаотичен, но тоа не е точно и не треба да се доведуваат тутунопроизводителите во заблуда“ – истакна Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

Тој додаде дека со години се намалува бројот на пунктови за откуп, поради намалените количества тутун, но целокупниот род ќе биде откупен.

„Тутунарите треба да бидат трпеливи, да им се исуши тутунот и ќе можат да го продадат како прва класа“, нагласи Ристески.

Сојузот е подготвен за разговори со откупувачите и со Министерството за земјоделство за новата реколта и условите за откуп.

„Откако ќе завршат празниците, ќе почнеме преговори со откупувачите за договорите и цените за годинашната реколта, а со Министерството за Законот за тутун“, додаде Ристески.

CATEGORIES
Share This