ТУРИСТИТЕ РАЗОЧАРАИ – Вработените во музејот „Лувр“ во Париз едногласно одлучија да штрајкуваат

Штрајкот е едногласно прифатен од над 400 вработени на генерален собир

ТУРИСТИТЕ РАЗОЧАРАИ – Вработените во музејот „Лувр“ во Париз едногласно одлучија да штрајкуваат
Фото: Принтскрин

Музејот „Лувр“ во Париз останува затворен денеска, откако вработените едногласно одлучија да штрајкуваат поради „лоши услови за работа и недоволно финансиско обезбедување“, соопштија синдикатите.

На генералното собрание во 9 часот наутро, најмалку 400 вработени гласаа за повикот на синдикатот за штрајк, кој беше едногласно прифатен кратко по 10 часот. Неколку десетици туристи чекаа пред музејот со надеж дека ќе можат да влезат, но дел од персоналот ги извести дека не треба да се враќаат пред пладне.

„Се подготвуваме за силна мобилизација и очекуваме многу повеќе штрајкувачи од вообичаено“, изјави Кристијан Галани од „ЦГТ“, мнозинскиот синдикат во Лувр.

Управата на музејот ги брои вработените кои не се приклучиле на штрајкот за да процени можност за делумно или целосно повторно отворање на музејот.

Минатата недела се одржаа состаноци на Министерството за култура со синдикатите, вклучително и еден со министерот, со цел да се избегне затворање на музејот пред божиќните празници. Министерот најави дека ќе го поништи намалувањето од 5,7 милиони евра на државното финансирање за Лувр, предвидено во буџетот за 2026 година.

Музејот во 2024 година доби 98,2 милиони евра државни субвенции. Покрај финансиските прашања, управата се соочува и со реорганизација и истрага за безбедносните пропусти што овозможија кражба на осум скапоцени предмети на 19 октомври, кои сè уште се водат како исчезнати.

CATEGORIES
Share This