ТРОФЕЈОТ ОСТАНУВА ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА – Баскет Кам по четврти пат победник во Купот

Во финалето во Македонска Каменица, домаќинките ја совладаа Крива Паланка со 74-68

ТРОФЕЈОТ ОСТАНУВА ВО МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА – Баскет Кам по четврти пат победник во Купот
Фото: Принтскрин

Кошаркарките на Баскет Кам по четврти пат во својата клупска историја го освоија трофејот во Купот на Македонија, потврдувајќи ја доминацијата на домашната сцена.

Во финалето на завршниот турнир, одиграно во Македонска Каменица, домашниот состав на Баскет Кам беше поуспешен од екипата на Крива Паланка со 74-68.

Домаќинките уште во првото полувреме го навестија триумфот, создавајќи солидна предност од 42-27. Сепак, гостинките не се предадоа и во вториот дел одиграа значително поангажирано, внесувајќи неизвесност во самата завршница. И покрај обидот за пресврт, силите им беа недоволни за целосен камбек, па радоста на крајот им припадна на кошаркарките на Баскет Кам и нивните навивачи.

Дури четири играчи од победничкиот состав натпреварот го завршија со двоцифрен број поени. Најефикасна беше Ивана Кметовска со 24 поени, а учинокот го надополни и со девет скокови.

За тимот од Македонска Каменица ова е четврти трофеј во Купот на Македонија, остварен во нивното шесто последователно финале, што дополнително ја нагласува континуираната успешност на клубот.

CATEGORIES
Share This