ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО МАНУ – Дебата за иднината на Македонија во ЕУ

Тркалезната маса има за цел да поттикне критичко размислување, дијалог и соработка меѓу академската заедница, носителите на политики и стратешките партнери од земјата и регионот

ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО МАНУ – Дебата за иднината на Македонија во ЕУ
Фото: Национал

Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во соработка со ЕЦПД – Регионалниот институт за развојни студии (РИДС) – Скопје при Универзитетот за мир основан од ОН, и Дипломатскиот клуб – Скопје, денеска организира тркалезна маса на тема:

„Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“.

Настанот ќе послужи како значаен форум за поттикнување на стратешки дискусии за евроинтегративните перспективи на Северна Македонија и регионот, во контекст на актуелните геополитички текови и динамики.

Воведни и поздравни обраќања ќе имаат

Академик Таки Фити, раководител на Центарот „Ксенте Богоев“ при МАНУ, Орхан Муртезани, министер за европски прашања, Амбасадорот во пензија Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб – Скопје и Никола Поповски, декан на ЕЦПД РИДС Скопје при Универзитетот за мир на ОН

Според организаторите, тркалезната маса ќе се фокусира на актуелниот геополитички контекст и неговото влијание врз политиката на проширување на Европската Унија. Ќе се дискутира за трансформацијата на глобалната рамнотежа на моќ и нејзините ефекти врз процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Во овој контекст, проширувањето ќе биде разгледано како геостратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и економскиот развој на регионот.

Настанот ќе се одвива во две тематски сесии:

Сесија 1: Геополитичкиот пејсаж и проширувањето на ЕУ

-Влијанието на глобалните промени – улогата на САД, регионалните конфликти, завршувањето на војната во Украина, како и влијанието на сили кои не се членки на ЕУ (Русија, Кина)

-Последиците од геостратешките промени врз меѓународната трговија, миграциите и трошоците за одбрана

-Прашања за одржливоста на наративот на ЕУ за проширување како инвестиција во мир и стабилност

-Балансирањето на проширувањето со внатрешните предизвици на ЕУ – безбедност, економски нееднаквости, европесимизам, спротивставувања од земји-членки

Сесија 2: Перспективите на Северна Македонија и регионот

-Можноста на ЕУ да дејствува како геополитички актер

-Импликациите од проширувањето врз стабилноста и присуството на ЕУ на Балканот

-Геополитичкиот контекст на Северна Македонија и Западен Балкан

-Тековниот статус на преговорите за пристапување – вклучително и предизвиците во владеењето на правото, економијата, соседските односи

-Проценка на стратегијата за постепена интеграција како транзициско решение

-Патишта за напредок и можности за динамичен исчекор кон полноправно членство

Тркалезната маса има за цел да поттикне критичко размислување, дијалог и соработка меѓу академската заедница, носителите на политики и стратешките партнери од земјата и регионот.

CATEGORIES
TAGS
Share This