ТРИФУН КОСТОВСКИ ДО МИЦКОСКИ – Дружбата со криминалецот Миленко Неделковски ќе ти се врати како бумеранг
Неделковски бил осуден во 2008 година за измама на 22 граѓани и земање 160.000 евра

Поранешниот пратеник и градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, во својата најнова колумна на Фејсбук упатува јасен совет до премиерот Христијан Мицкоски: да се држи подалеку од лица како Миленко Неделковски, кој во минатото е осуден за криминални дејности во Македонија. Костовски потсетува дека Неделковски во 2008 година бил осуден за измама на 22 македонски граѓани, од кои земал 160 илјади евра ветувајќи им работни визи за САД.
„Господине премиер, овој човек, кој ви се умилкува на социјалните мрежи бидејќи сте му дале функции и доверба, е големо зло, штетно за нашите сограѓани и за целата држава. Довербата и пријателството кои ги имате со него ќе ви се вратат како бумеранг во вашиот политички и приватен живот“, пишува Костовски.
Тој додава дека е жално што Фудбалскиот клуб Вардар е доверен на лице со сомнителна репутација:
„Денес овој човек го води најтрофејниот фудбалски клуб Вардар. Преку ноќ клубот доби значителни финансиски средства, веројатно со поддршка од владата на премиерот Мицкоски. Тие средства се контролираат токму од човек со лепливи раце“, нагласува Костовски.
Поранешниот градоначалник потсетува дека новата власт најави сериозна борба против криминалот и корупцијата и директно му се обраќа на премиерот:
„Ве поддржувам во вашата идеја и чесна намера. Но не можам да го разберам начинот на кој сакате да се справите со ова општествено зло, ако околу себе имате човек осуден за криминал. Со такви луѓе не се води вистинска борба против ова зло, туку напротив, дозволувате криминалот и корупцијата да станат секојдневие. Господине Мицкоски, очекувам вистински потези за борбата против организираниот криминал. Почетокот треба да го направите со тргање на овој човек од функциите кои му ги доверивте. Со такви луѓе околу вас, вистинска борба против криминал и корупција не може да се гарантира“, потенцира Костовски.

