ТРИЕСЕТ И ДВА МАРШЕВИ ПОДОЦНА – Болката не стивнува, правдата ја нема
Родителите обвинуваат дека институциите и понатаму ја префрлаат одговорноста и не нудат одговори.

Дали судницата се претвори во сцена на Струшките вечери на поезијата, и дали зборовите треба да ја покријат трагедијата на нашите деца прашаа родителите на денешниот 32. „Марш за ангелите“, што се одржа низ улиците на Кочани.
Со болка на лицата, солзи во очите и наведнати глави, родителите на младите кои загинаа на кобниот 16 март повторно маршираа, нагласувајќи дека нивното присуство не е политички чин, туку барање за правда која сè уште ја нема. Велат дека веќе две рочишта по ред гледаат исто сценарио.
Александар Наунов, татко на една од загинатите девојки, истакна дека сите инволвирани ја префрлаат одговорноста еден на друг, избегнувајќи ја вистината.
„Како е можно денес сите да се ненадлежни, а нашите деца да се мртви?“ – прашуваат родителите.
Тие порачаа дека маршот не е против државата, туку за државата конечно да почне да функционира.
Следното судско рочиште е закажано за 10 декември, а ден претходно, на 9 декември, во Собранието треба да се одржи седница на Анкетната комисија, која треба да ги утврди системските пропусти што довеле до трагедијата.
„Ние не бараме одмазда, ниту крв. Бараме само едно – правда“, порачаа родителите, потсетувајќи уште еднаш на прерано изгубените 63 млади животи во кочанската дискотека „Пулс“.


