ТРАМП ЗА СРЕДБАТА СО ПУТИН – Средбата може да спаси илјадници животи
Средбата ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, близу Анкориџ - единствената локација во Алјаска што ги исполнува безбедносните барања.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека целта на денешната средба со рускиот колега Владимир Путин во Алјаска е подготовка за можен директен состанок меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој според него би бил „поважен“ и би можел да доведе до мир.
„Сè што сакам е да ја ‘поставам масата’ за следната средба, која би сакал да се одржи наскоро,“ рече Трамп, додавајќи дека таквиот состанок би можел да се одржи токму во Алјаска, со учество и на европски лидери.
Трамп изрази уверување дека Путин и Зеленски ќе постигнат договор, нагласувајќи дека состанокот денес може да „спаси илјадници животи неделно“. Тој истакна дека за само две минути ќе знае дали средбата ќе биде успешна:
„Ако е лоша, ќе заврши брзо. Ако е добра, ќе дојдеме до мир во блиска иднина.“
На прашањето дали е подготвен да му понуди на Путин пристап до минерали од ретки земји за да ја заврши војната, Трамп одговори дека состанокот е „голем и важен“ и може да има значајни последици за Русија и САД.
За можните критики дека со самитот му се „наградува“ Путин за инвазијата врз Украина, Трамп рече:
„Тоа е ситуација што никогаш не требало да се случи. Не започна под мое водство, а четири години не беше ни тема.“
Трамп смета дека присуството на Путин во Алјаска покажува подготвеност за договор и додава:
„Да не бев претседател, тој ќе ја преземеше цела Украина. Но сега нема да се задева со мене.“
Средбата ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, близу Анкориџ – единствената локација во Алјаска што ги исполнува безбедносните барања. Ќе започне во 11 часот по локално време (21 часот по средноевропско време) со тет-а-тет разговор, по што ќе следи проширен состанок на двете делегации.


