ТРАМП СО ЗАКАНИ И ЗА ИНДИЈА – Прекинете со купување нафта од Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика тензии во трговските односи со Индија, најавувајќи зголемување на царините за индиските стоки поради, како што рече, „неприфатливо блиска енергетска соработка со Русија“. Повод за новата ескалација е купувањето руска нафта од страна на Индија, што според Трамп, индиректно го финансира воениот конфликт во Украина.
Во објава на социјалните мрежи, што ја пренесе агенцијата Ројтерс, Трамп напиша: „Индија купува огромни количини руска нафта, а потоа ја препродава на отворениот пазар за голем профит. Очигледно не им е грижа колку луѓе умираат во Украина од руската воена машинерија. Поради ова, значително ќе ја зголемам царината што Индија ја плаќа на американскиот пазар.“
Одговорот на Њу Делхи не доцнеше. Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи ја нарече изјавата на Трамп „неоправдан напад“ и најави дека Индија ќе ги преземе сите неопходни чекори за заштита на своите економски интереси и национална безбедност.
Овој развој дополнително го продлабочува трговскиот јаз меѓу двете земји, кои иако имаат долгорочна стратешка соработка, сè почесто се судираат околу енергетските и трговските политики. Ситуацијата се влошува во контекст на геополитичките тензии и притисоците врз земјите што одбиваат да се приклучат кон западните санкции против Русија.


