ТРАМП СО ЗАКАНА ОД 30% ЦАРИНИ – ЕУ и Мексико подготвени за одговор, Македонија во неизвесност

Европската унија и Мексико остро реагираа на најавата од Доналд Трамп дека од 1 август ќе воведе увозни царини од 30 отсто на нивниот извоз во САД. Двете страни изразија длабоко разочарување и порачаа дека ќе одговорат со пропорционални контрамерки, но и дека остануваат отворени за преговори со Вашингтон.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека Унијата е подготвена да ги заштити своите економски интереси и предупреди дека ќе преземат соодветни мерки ако САД продолжат со зголемување на царините. „Малку економии се толку отворени како нашата“, нагласи таа. Францускиот претседател Емануел Макрон побара итна подготовка на контрамерки, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони повика на избегнување на трговска војна. Холандскиот премиер порача дека ЕУ мора да остане обединета, а европратеникот Бернд Ланге го нарече потегот „шлаканица за преговорите“.
Мексико, пак, ја нарече најавата „нефер договор“. Претседателката Клаудија Шеинбаум беше децидна дека „суверенитетот не е предмет на преговори“. Во писмо до неа, Трамп ја обвини земјата дека не прави доволно за спречување на нарко-трафикингот, а за возврат се закани со царини од 35 отсто. И покрај тоа, мексиканската влада изрази надеж дека ќе дојде до договор.
Трамп, во интервју за Фокс њуз, тврди дека царините носат „стотици милијарди долари“ и најави дека ако некоја земја возврати, ќе воведе уште повисоки царини. Засега предложил мерки за 24 земји и за ЕУ, а на списокот се најдоа и Јапонија, Канада, Јужна Кореја и Бразил.
Македонија се уште не знае дали ќе биде погодена. Иако Владата од 1 јули ги укина царините за увоз на американски производи, откако министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Вашингтон се сретна со државниот секретар Марко Рубио, нема гаранција дека македонскиот извоз ќе биде поштеден од нови давачки. На 2 април, без најава, беа најавени царини од 33 отсто за македонскиот извоз, што премиерот Христијан Мицкоски го нарече „грешка“.
Во моментов, економските односи меѓу САД и низа партнери се на работ на сериозна ескалација. Белата куќа вели дека сака „90 трговски договори за 90 дена“, но досега објавени се само два – со Обединетото Кралство и Виетнам. Преговорите со останатите, вклучително и ЕУ и Мексико, се во застој.


