ТРАМП СО НОВА ЗАКАНА Овој пат на мета е Колумбија

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја разбранува меѓународната јавност со серија остри и контроверзни изјави, овојпат насочени кон Колумбија и поширокиот регион на Латинска Америка. Во разговор со новинарите за време на лет со претседателскиот авион Air Force One, Трамп не ја исклучи можноста за воена интервенција против колумбиската влада, оценувајќи дека таквата опција „добро звучи“.
Трамп ја опиша Колумбија како „тешко болна држава“, а колумбискиот претседател Густаво Петро го нарече „болен човек“, обвинувајќи го дека има директна улога во производството и извозот на дрога кон САД. На директно прашање дали Вашингтон би размислувал за воена операција, американскиот претседател кратко одговори: „Тоа ми звучи добро“.
Во истиот контекст, Трамп се осврна и на Куба, истакнувајќи дека островската држава, како близок сојузник на Венецуела, „се наоѓа на раб на колапс“ и дека за тоа, според него, не е потребна директна американска интервенција.
Овие изјави следуваат по неодамнешното приведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој беше уапсен под обвиненија за трговија со дрога и префрлен во Њујорк. Трамп најави дека САД би можеле да извршат нови воени удари врз Венецуела доколку делови од поранешната власт не покажат подготвеност за соработка со Вашингтон.
Истовремено, тој посочи дека е отворен за соработка со одредени структури од администрацијата на Мадуро во борбата против наркотиците, наместо итно распишување избори за нова влада.
Покрај кризата во Латинска Америка, Трамп повторно ја оживеа и идејата за можноста Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави, нагласувајќи го неговото геостратешко значење и богатството со минерални ресурси.
Изјавите на американскиот претседател предизвикаа поделени реакции на меѓународната сцена. Додека некои сојузници на САД остануваат воздржани, земји како Шпанија и повеќе држави од Латинска Америка јавно ги осудија американските закани и предупредија на сериозно нарушување на меѓународното право.
Со зголемените тензии и острата реторика од Вашингтон, останува неизвесно како ќе реагира меѓународната заедница и дали овие изјави ќе прераснат во конкретни потези со далекусежни последици.


