ТРАМП СО НАЈНОВА ОБЈАВА – Извршивме едно од најмоќните бомбардирања во историјата на Блискиот Исток
Трамп одлучи да ја зачува нафтената инфраструктура, но предупредува за можни последици.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека американските сили извршиле силен напад врз иранските воени позиции на островот Харг во Персискиот Залив. Тој истакна дека операцијата ја спровела Централната команда на САД.
На својот профил на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп напиша дека бомбардирањето „целосно ја уништило секоја воена цел“ на островот, но одлучил да не ја погоди нафтената инфраструктура.
„Само пред неколку моменти, по моја наредба, Централната команда на САД изврши едно од најмоќните бомбардирања во историјата на Блискиот Исток и целосно ја уништи секоја воена цел на островот Харг, кој е круната на Иран. Нашето оружје е најмоќното и најсофистицираното што светот некогаш го видел, но од причини на пристојност решив да не ја уништам нафтената инфраструктура“, напиша Трамп.
Тој предупреди дека, ако Иран или некој друг го попречи слободното и безбедно минување на бродовите низ Ормутскиот теснец, ќе ја преиспита оваа одлука.
Трамп додаде дека американската војска е „најсмртоносната, најмоќната и најефикасната сила насекаде во светот“.


