ТРАМП НАЈАВИ ВРАЌАЊЕ НА ЦАРИНИТЕ ПО 9 ЈУЛИ „Ќе испратиме многу писма“
Во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД ќе испратат известувања со нови царини „прилично брзо“.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека нема да ја продолжи 90-дневната пауза на царините за повеќето земји по истекот на рокот за трговски преговори на 9 јули.
„Некои земји нема ни да не интересираат – ќе им испратиме писма: честитки, може да продавате кај нас, но ќе платите 10%, 25%, 35% или 50% царина,“ рече Трамп.
Тој истакна дека не може да се преговара со сите 200 земји, но дека разговорите ќе продолжат.
За односите со Кина, Трамп го пофали договорот за извоз на ретки земни метали, нагласувајќи дека значителни тарифи се неопходни поради трговскиот дефицит. Потенцираше дека САД не се плашат од одмазда и додаде: „Зарем не мислите дека ние не им го правиме истото?“
Во врска со Иран, Трамп рече дека воздушните напади ги „збришале“ нивните нуклеарни капацитети и порача дека САД би ги укинале санкциите за нафта доколку Техеран покаже мирољубиво однесување.
Иранскиот лидер Али Хамнеи денеска изјави дека Трамп „претерува“ за да ја прикрие вистината за нуклеарната програма на Иран.


