ТРАМП ГО ТРЕСЕ СВЕТСКИОТ ПОРЕДОК – Најави повлекување на САД од над 60 меѓународни организации
Меморандумот предвидува прекин на учеството и финансирањето на 66 меѓународни организации и субјекти на ОН

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од повеќе од 60 меѓународни организации и субјекти на Обединетите нации, оценувајќи дека тие не им служат на американските национални интереси.
Според меморандум објавен од администрацијата, на сите американски извршни оддели и агенции им се наложува да прекинат со учество и финансирање на 35 меѓународни организации надвор од системот на ОН, како и 31 субјект во рамки на светската организација. Како причина се наведува дека нивното делување е спротивно на безбедносните, економските и суверените интереси на САД, пренесува „Ројтерс“.
Меѓу организациите од кои САД планираат да се повлечат е и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC). Со тоа, САД би станале првата земја што официјално ќе ја напушти оваа конвенција.
„Секоја друга земја е членка, делумно затоа што, покрај моралната обврска за справување со климатските промени, учеството во тие преговори значи можност за обликување на глобалната економска политика – изјави Маниш Бапна, претседател и извршен директор на Советот за одбрана на природните ресурси.
Администрацијата на Трамп најави и повлекување од UN Women – агенцијата на ОН за родова еднаквост и јакнење на жените, како и од Фондот за население на ОН (UNFPA), кој работи на планирање на семејството и здравјето на мајките и децата во повеќе од 150 земји. САД веќе го намалија финансирањето на UNFPA во текот на минатата година.
„Повлекувањето од субјектите на Обединетите нации значи прекин на учеството или финансирањето во обем дозволен со закон – се наведува во меморандумот.
Овој потег ја отсликува долгогодишната скепса на Трамп кон мултилатералните институции, особено кон Обединетите нации. Тој во повеќе наврати ја критикуваше нивната ефикасност, трошоците и отчетноста, тврдејќи дека тие не ги застапуваат интересите на Соединетите Американски Држави.


