ТРАМП ГО МЕНУВА КУРСОТ Вашингтон со нов пристап кон Дамаск
Се очекува извршната наредба да биде потпишана во наредните денови, со што дополнително ќе се промени политиката на САД кон Сирија.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, планира да потпише извршна наредба со која значително ќе се измени досегашната американска политика кон Сирија, објави CBS News.
Оваа одлука претставува продолжение на стратегијата што Трамп ја најави уште во мај, за време на неговата посета на Саудиска Арабија, кога изјави дека „ѝ дава шанса на Сирија да успее“ преку ублажување на економските санкции.
Санкциите против Сирија се во сила уште од 1979 година, а дополнително беа заострени за време на граѓанската војна во земјата. Во последниот период, Министерството за финансии на САД издаде општа дозвола со која се укинуваат значителен дел од финансиските ограничувања – особено во делот на трансакции со сириски банки, нафтени и гасни компании, како и пристаништа.
Покрај тоа, Стејт департментот привремено – за период од шест месеци ги суспендираше одредбите од т.н. Цезарски закон од 2020 година, кој воведе остри мерки против странски компании кои соработуваат со сирискиот режим.
Сепак, не сите санкции се повлечени. И понатаму остануваат во сила мерките како што се: замрзнување на средствата на Централната банка на Сирија и рестрикции во телекомуникацискиот сектор.
Оваа промена на американската политика следува откако Ахмед ал-Шара, поранешен лидер на бунтовничките и џихадистички групи, беше назначен за привремен претседател на Сирија. Во овој контекст, Трамп ја повика Сирија да ги нормализира односите со Израел и да даде поддршка во глобалната борба против тероризмот.
Извршната наредба се очекува да биде официјално потпишана во наредните денови, со што ќе се означи нова фаза во односите меѓу Вашингтон и Дамаск.


