ТРАМП ГИ РАЗНЕСЕ ДИПЛОМАТСКИТЕ ЛИСТИ – Ја трга Агелер од Скопје и уште 30 амбасадори ширум светот

Стејт департментот официјално ја извести Анџела Агелер за завршување на нејзиниот ангажман во Скопје

ТРАМП ГИ РАЗНЕСЕ ДИПЛОМАТСКИТЕ ЛИСТИ – Ја трга Агелер од Скопје и уште 30 амбасадори ширум светот
Фото: Амбасада САД

Два месеци по формалното истекување на мандатот, американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер е отповикана од функцијата со одлука на Стејт департментот. Таа е меѓу 30 кариерни дипломати кои се опфатени со најновите кадровски промени на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Агелер ја презеде функцијата во ноември 2022 година, а засега од Вашингтон нема најава кој би можел да биде нејзин наследник. Кога ќе биде номиниран кандидат за нов амбасадор, предлогот ќе треба да помине процедура на потврдување во Сенатот, процес што може да трае со месеци.

Отповикувањето на Агелер е дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп за преобликување на американските дипломатски мисии и поставување персонал кој целосно ги поддржува приоритетите на политиката „Америка на прво место“.

Шефовите на дипломатските мисии во најмалку 29 земји минатата недела добиле известување дека нивните назначувања завршуваат во јануари, изјавија двајца претставници на Стејт департментот под услов на анонимност. Отповиканите амбасадори не ги губат работните места во Надворешната служба и можат да се вратат во Вашингтон на други позиции.

Сите амбасадори опфатени со оваа одлука биле именувани за време на администрацијата на Џозеф Бајден, но останале на функциите по почетната кадровска „чистка“ во јануари, на стартот на вториот мандат на Трамп, кога главно беа заменети политички назначени лица. Минатата среда тие почнале да добиваат официјални известувања дека треба да ги напуштат земјите домаќини до 15 или 16 јануари, без притоа да им биде образложена причината.

Информацијата првично ја објави американскиот „Политико“, повикувајќи се на Џон Динкелман, претседател на Американското здружение на дипломати. Тој оцени дека ваквите потези сериозно ѝ штетат на американската дипломатија.

„Ова дополнително ја поткопува довербата во способноста на професионалната Надворешна служба ефикасно да ги спроведува политиките на избраното раководство“, изјави Динкелман.

Од Стејт департментот, пак, реагираа дека станува збор за „стандарден процес во секоја администрација“, нагласувајќи дека амбасадорите, без разлика дали се кариерни или политички именувани, служат по волја на претседателот.

„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и негово право е да обезбеди дека во овие земји има поединци кои ја промовираат агендата ‘Америка на прво место’“, се наведува во соопштението.

Покрај Македонија, во Европа смени се случија и во Ерменија, Црна Гора и Словачка. Најпогодена е Африка, каде што беа повлечени амбасадорите од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда , а следуваат Азија – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам, Блискиот Исток – Алжир и Египет, Јужна и Централна Азија – Непал и Шри Ланка и Западната хемисфера – Гватемала и Суринам.

CATEGORIES
TAGS
Share This