ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС Судењето продолжува

Денеска во Идризово сведочат законските застапници на оштетените во предметот

ТРАГЕДИЈАТА ВО ПУЛС Судењето продолжува
Фото: Национал

Во Основниот кривичен суд Скопје, во судницата во Идризово, денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На денешното рочиште се очекува сведочење на законските застапници на оштетените.

На претходното рочиште, по предлог на Обвинителството, сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран до дискотеката, кој зборуваше за реконструкциите на објектот и за настаните во трагичната ноќ.

Судот одлучи постапката да се спои со предметот против сопственикот на објектот, со цел поцелосно утврдување на фактите и одговорноста.

Обвинителот Борче Јанев истакна дека случајот не се однесува само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти и институционален молк кои ја претвориле дискотеката во смртоносна стапица.

Сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, дел од нив изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

Одбраните тврдат дека нема причинско-последична врска меѓу постапките на обвинетите и пожарот и дека институционалните пропусти се главна причина за трагедијата.

Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Според обвинението, во објектот имало повеќе од дозволениот број посетители, биле активирани пиротехнички средства без дозвола, а дискотеката со години работела без минимално-технички услови и без противпожарна заштита.

CATEGORIES
Share This