ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ – Сведоци го опишуваат хаосот во дискотеката „Пулс“

Продолжува сослушувањето сведоци предложени од Јавното обвинителство.

ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ – Сведоци го опишуваат хаосот во дискотеката „Пулс“
Фото: Национал

Со сослушување на сведоци предложени од Јавното обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

На претходното рочиште пред Судот беа сослушани двајца сведоци. Трајче Димишковски, кој од 2023 до август 2025 година работел во агенцијата за обезбедување „Рубикон“, во своето сведочење објасни како се одвивала комуникацијата меѓу вработените, кој бил одговорен за распоредот на персоналот и какви насоки даваше професорот Александар Нацев при поголеми настани, особено во врска со законските обврски на обезбедувачите.

Претходно сведочеше и инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување од Виница, кој рече дека по пожарот увидната екипа утврдила сериозни пропусти и недостиг на противпожарни апарати, празен хидрант и заклучена помошна врата. Инспекторот истакна дека Општина Кочани повеќе од една деценија немала инспектор за заштита и спасување, а за надзор во друга општина бил потребен писмен налог од раководството.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка, со сослушување сведоци предложени од Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

CATEGORIES
Share This