ТРАГЕДИЈА ВО ПУЛС – Сведочења на Мартина Ристовска и Кристијан Китанов за пожарот
Дискотеката преполна за концерти, Малолетници влегувале без лична карта

На денешното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочеше 21-годишната Мартина Ристовска, која била присутна кога избувнал пожарот. Таа случајно го снимала почетокот на пожарот на видео за Инстаграм, но го забележала тоа дури следниот ден при прегледувањето на видеото.
Според нејзиниот исказ, на бината имало три прскалки, а пожарот започнал на плафонот над последната од левата страна. Прскалката не се запалила, туку плафонот над неа. Ристовска пристигнала во дискотеката со другарки околу полноќ и била сместена во средината на просторијата кога слушнала дека треба да се напушти објектот поради пожар.
Таа раскажа дека настанала паника и сите тргнале кон излезот. Двајца обезбедувачи ѝ помогнале да излезе надвор. Подоцна, кога се созела, почнала да им помага и на другите. Ристовска посочи дека обезбедувачите Лазар и Столе се жртвувале за да спасат луѓе и дека без нив ќе имало уште повеќе жртви.
На рочиштето сведочеше и Кристијан Китанов, редовен гостин во „Пулс“, кој кажа дека во моментот на пожарот настанало стампедо, а од плафонот почнале да паѓаат искри и црни честички. Тој се здобил со изгореници од втор степен и бил извлечен од обезбедувачот Лазо и неговиот вујко, по што бил пренесен во болница.
Китанов додаде дека дискотеката најчесто била полна во саботите, кога имало концерти на пејачи од Србија, а просторијата била толку полна што било тешко да се оди до тоалет.
Тој исто така кажа дека ќе се приклучи на кривичниот прогон и ќе поднесе отштетно побарување. Јавниот обвинител го прашал за присуството на пиротехничките средства, што сведокот го потврдил. Според него, пожарот почнал околу 2:34 часот. Китанов се обидел да излезе, но застанал поради гужвата, а двајцата обезбедувачи Лазо и Столе му помогнале да се спаси.
Китанов истакна дека претходно полицијата ретко била присутна, а рациите за малолетници биле претходно најавувани. Таа вечер полицијата влегла во 2:15, проверувале за малолетници, а забавата продолжила.
Тој забележал дека обидите да се изгасне пожарот биле неуспешни, и дека во дискотеката немало лице кое постојано се грижело за безбедноста, ниту надвор имало редар, а продажбата на карти била организирана така што се собирало што повеќе луѓе.
За пожарот во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на објектот, негови блиски, инспектори, поранешни министри и припадници на агенцијата за обезбедување. Сите на почетокот на процесот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.


