ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ И ПЛАТА Главните барања на протестот во тетовската болница
Незадоволството меѓу вработените расте, а неизвесноста околу нивната егзистенција продолжува, и покрај клучната улога што ја имаат во здравствениот систем.

Медицинските сестри од Клиничката болница во Тетово денеска повторно излегоа на протест во кругот на болницата, изразувајќи незадоволство од долгогодишната неизвесност околу нивниот статус и двомесечната доцнежна исплата на платите. На протестот се приклучи и помошниот персонал кој се соочува со истиот проблем.
Протестирачите истакнаа дека веќе со години работат по договори за дело, без здравствено осигурување и без надоместок за работен стаж, а ветувањата за трајно вработување од страна на институциите сè уште не се исполнети.
„Бараме конечно да добиеме решение за трајно вработување. Јас лично шест години работам така, а има колешки кои чекаат и по десет години. Над сто медицински сестри, како и административен и технички персонал, работат под исти услови. Последните две плати – за март и април сè уште не ни се исплатени. Работиме вредно и посветено, заслужуваме стабилност и признание“, изјави една од сестрите што учествуваше во протестот.
По протестот, дел од медицинските сестри се упатија кај директорот на болницата, барајќи објаснување и конкретни чекори за решавање на проблемот.
Директорот на Клиничката болница, Агим Бериша, изјави дека болницата неколкупати барала поддршка од надлежните институции, но без резултат.
„Како установа, повеќепати сме се обратиле до Министерството за финансии за да се обезбедат средства. Министерството за здравство веќе даде согласност договорите да се продолжат до крајот на годинава, но сè уште немаме одговор од Финансии. Очекуваме наскоро Владата да почне со реорганизација и распишување огласи за редовно вработување, со што ќе се стави крај на договорите за дело“, изјави Бериша.
Ова не е првпат медицинскиот и помошниот персонал од тетовската болница да протестира поради истите проблеми. Иако претходно, при официјална посета, поранешниот министер за здравство Арбен Таравари најави трајно решение, досега не е преземена конкретна акција.
Незадоволството меѓу вработените расте, а неизвесноста околу нивната егзистенција продолжува, и покрај клучната улога што ја имаат во здравствениот систем.


