ТРАЈНО ОДЗЕМАЊЕ НА ВОЗИЛО И ЗАТВОР ЗА БЕЗОБЗИРНО ВОЗЕЊЕ – ВМРО-ДПМНЕ предлага остри измени на Кривичниот законик
Пречекорување на брзината, пијано возење и улични трки ќе се санкционираат со најстроги мерки досега.

Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа предлог-измени на Кривичниот законик со кои се предвидуваат значително построги санкции за најтешките сообраќајни прекршоци. Клучната новина е воведувањето на трајно и задолжително одземање на возилото за возачи кои се повторници.
Според предлогот, возилото ќе се одзема ако возачот ја надмине дозволената брзина за повеќе од 70 км/ч во населено место или 90 км/ч надвор од населено место, доколку веќе има правосилна пресуда за ист или сличен прекршок. Одземање на возилото е предвидено и во случаи кога возачот управувал без возачка дозвола, а возилото е во негова сопственост.
Дополнително, се воведува затворска казна од три месеци до три години за кривичното дело „безобѕирно управување“, кое опфаќа: возење со над 1,5 промили алкохол или под дејство на дрога, возење во спротивна насока и опасно претекнување и учество во нелегални улични трки.
Со измените се проширува и мерката забрана за управување со моторно возило, која наместо досегашните до пет години, ќе може да изнесува и до десет години.


