TESLA НА КОЛЕНА Продажбата во САД на најниско ниво за четири години

Продажбата на возила од компанијата Tesla во САД во ноември падна на најниско ниво во скоро четири години, и покрај воведувањето на нови, поевтини верзии на најпродаваните модели. Ова го покажуваат проценките на компанијата Cox Automotive. Овие пристапни верзии, наречени Standard, се клучни за стратегијата на Tesla и претставуваат тест за тоа како компанијата може да ја задржи продажбата и приходите, додека постепено преминува на роботаксии и хуманоидни роботи, проекти заради кои инвеститорите ја вреднуваат компанијата на 1.400 милијарди долари, пренесува Reuters.
Пазарот на електрични возила во целина трпи пад уште од крајот на септември, кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги укина федералните субвенции од 7.500 долари. Како одговор, Tesla во октомври лансираше поедноставени верзии на Модел Y и Модел 3, околу 5.000 долари поевтини од претходните основни модели. Сепак, наместо да поттикнат продажбата, вкупните испораки на Tesla паднаа речиси 23 процента на 39.800 возила во споредба со 51.513 година порано, што е најниско ниво од јануари 2022 година. Вкупната продажба на електрични автомобили во САД падна за повеќе од 41 отсто во ноември.
Tesla долго време не претставила сосема нов модел, Cybertruck се слабо продава, а остатокот од понудата се состои од постари модели кои се само малку освежени. Дополнително, ангажманот на извршниот директор на компанијата Илон Маск во кампањата на Доналд Трамп и неговите екстремно десничарски ставови предизвикаа протести и нарушија имиджот на Tesla. Компанијата во овие денови понуди финансиирање без камата за Standard Модел Y – што аналитичарите гледаат како очигледен сигнал за слаба побарувачка. Модел Y Standard и Модел 3 Standard се појавуваат на веб-страницата како достапни во залихи и по намалена цена.


