ТЕШКИ БОРБИ, ГОЛЕМИ ЖРТВИ Скопје одбележува 81 година од ослободувањето
Делегации од институции и организации денеска ќе оддадат почит на Партизанските гробишта и споменикот „Ослободители на Скопје“

Денеска, Скопје го одбележува 81-от роденден од своето ослободување во Втората светска војна. Делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани и на споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред владината зграда.
Традиционално, на овој ден Град Скопје ја доделува наградата „13 Ноември“ на поединци и институции кои со својот труд и дела придонеле за развојот и афирмацијата на главниот град.
На 13 ноември, пред точно 70 години, борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска армија и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација. По неколкудневни жестоки борби со германската 22-та гренадирска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк, како и со делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија и тврдинската бригада „Ангермилер“ пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Во овие борби животот го загубија 420 македонски борци, а во текот на Втората светска војна над 4.600 скопјани ги положија своите животи за слободата.
Македонија во Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Историчарите проценуваат дека во борбите против фашистичките окупатори во Македонија загинале околу 33.000 луѓе, вклучувајќи и повеќе од 7.000 македонски Евреи, депортирани во концентрациониот логор Треблинка.


