ТЕНЗИИ ВО МАДРИДСКОТО ДЕРБИ – Симеоне провоцираше, Винициус остана смирен
Судијата реагираше со жолт картон за тренерот и играчот

Реал Мадрид го победи Атлетико со 2-1 во полуфиналето на Суперкупот, но натпреварот не помина без добро познатите тензии кои го следат мадридското дерби. Главни актери не беа само играчите – тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне, се најде во директен конфликт со првата ѕвезда на Реал, Винициус Јуниор.
Инцидентот се случи во текот на второто полувреме, кога камерите го фатија Чоло како се обидува да го наруши ритамот на Бразилецот со провокативни коментари. Според шпанските медиуми и очевидици, Симеоне му дофрлил: „Вини, Вини, внимавај… Флорентино ќе те избрка од Реал, запамети ми ги зборовите!“ Оваа изјава беше јасна алузија на строгата дисциплина која претседателот Перез ја спроведува во клубот, но Винициус остана смирен.
Тензиите кулминираа во 81-та минута, кога Чаби Алонсо го замени Винициус. Крај аут-линијата избувна турканица помеѓу двајцата, што го натера судијата да им покаже жолт картон и на тренерот и на играчот.
По мечот, Симеоне се обиде да ја намали драмата:
„Што се случува на теренот, таму и останува. Имам голем респект за сите играчи на Реал, за Карвахал и останатите. Само јасно им кажав како некои работи изгледаат од страна“, изјави тој кратко.
Винициус, пак, само се насмевна на провокациите и го прослави пласманот во финалето против Барселона, што ќе се игра во недела. Очигледно, „психолошките игри“ на Чоло овојпат не му наштетија на Бразилецот кој е во одлична форма.


