ТЕНЗИЧНО ВО СУДНИЦАТА ЗА ПУЛС – Судијката повика на ред и дисциплина
Судијката потсети дека сите обвинети се сметаат за невини додека не се донесе конечна пресуда

Судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжи во големата судница на Кривичниот суд во Идризово, со сослушување на оштетени и сведоци.
Судијката Дијана Груевска се обрати до семејствата на жртвите, повикувајќи ги на ред и дисциплина во судницата.
„Неколку пати досега беше нарушен редот, што го отежнува спроведувањето на постапката по закон. Сите обвинети имаат право на адвокат, што е нивно законско и уставно право. Доколку утре имате потреба од адвокат, ќе можете да се обратите кај овие лица“, рече судијката.
Таа додаде дека досега водела и други предмети, вклучувајќи го и случајот „Дурмо Турс“, каде родителите на присутните покажале крајно коректно однесување.
„Ако повторно се наруши редот, ќе бидете исклучени од судењето“, предупреди судијката.
Таа додаде дека „сите обвинети се сметаат за невини додека не се донесе конечна пресуда“.

