ТЕМНОКАФЕАВА БОЈА ОД ЧЕШМИТЕ – Струга во вонредна состојба
Водата во Струга 30 пати над дозволеното по што следеше оставка на директорот на „Водовод“

По петдневна криза со сериозно загадена вода во Струга, директорот на ЈП „Водовод“ Меџијаит Јусуфоски поднесе оставка од морални причини. Во градот и натаму е на сила целосна забрана за користење на водата поради екстремна заматеност, јавува Ohrid1.
Од чешмите тече темнокафеава вода, а лабораториските анализи покажале дека заматеноста е и до 30 пати над дозволеното. Водата е прогласена за технички неисправна и не смее да се користи ниту за пиење, ниту за готвење, ниту за лична хигиена.
Јусуфоски, кој повеќе од 43 години работи во претпријатието, изјави дека ваква состојба досега не била забележана.
„Станува збор за голема еколошка катастрофа и сериозна закана по здравјето на граѓаните, особено на децата во училиштата и градинките. Во минатото сме имале проблеми, но вакво заматување не се памети. Моите надлежности како в.д. директор завршуваат тука и веднаш поднесувам оставка“, изјави Јусуфоски.
Тој додаде дека навреме биле известени сите надлежни институции и дека е побарано итно утврдување на причините за загадувањето.
Од Центар за јавно здравје ја потврдуваат сериозноста на состојбата.
„На терен утврдивме дека водата на изворот Шум е буквално како кал. Мерењата во домовите и училиштата покажуваат екстремна заматеност. Граѓаните се принудени да купуваат флаширана вода или, во краен случај, да користат езерска вода за одржување хигиена“, изјави Лидија Симонска од ЦЈЗ.
Полицијата и инспекторите од Агенција за храна и ветеринарство вршат увид кај изворот Шум, главниот извор за водоснабдување на градот.
Од СВР Охрид информираат дека засега нема официјална пријава од јавното претпријатие, но се преземаат интензивни мерки за утврдување на причините и евентуална кривична одговорност. По комплетирањето на случајот, ќе биде доставен поднесок до Јавното обвинителство.
Во меѓувреме, револтот кај граѓаните расте, а купувањето флаширана вода претставува сериозен дополнителен финансиски товар за многу домаќинства.


