ТАРАВАРИ ЗА НАПУШТАЊЕ НА ВЛАДАТА Мицкоски не ме ферма и затоа си се враќам кај народот

Според него, чувството на маргинализација и игнорирање од страна на коалициските партнери било постојано присутно

ТАРАВАРИ ЗА НАПУШТАЊЕ НА ВЛАДАТА Мицкоски не ме ферма и затоа си се враќам кај народот

Алијансата за Албанците ја напушта Владата: Таравари ги обвинува коалициските партнери за маргинализација и непочитување

По речиси една година во владејачката коалиција, Алијансата за Албанците (АА) донесе одлука да ја напушти Владата. Лидерот на партијата, Арбен Таравари, во интервју за албанската телевизија MCN, изјави дека причината за напуштањето е неможноста да се реализираат клучните точки од нивната изборна програма.

„Коалицијата ВЛЕН на власт е веќе 11 месеци, од изборите на 8 мај 2024 година, кога освоивме 14 пратеници и станавме дел од Владата. Имавме договор за неколку суштински точки, но по 11 месеци заклучивме дека не сме во можност да оствариме ништо од нашата програма“, изјави Таравари.

Според него, чувството на маргинализација и игнорирање од страна на коалициските партнери било постојано присутно, особено во односот на најголемата владејачка партија – ВМРО-ДПМНЕ и движењето ЗНАМ, кои заедно имаат 64 пратеници.

„АА не е партија што прифаќа да биде само декорација во Владата. Решивме да се вратиме кај граѓаните и да се подготвиме за претстојните локални избори во октомври“, додаде Таравари, најавувајќи дека партијата ќе се мобилизира за да обезбеди силен резултат.

Тој потсети дека првпат четири албански партии беа дел од Владата, но веќе од ноември минатата година, според него, се почувствувала сериозна дискоординација. Таравари тврди дека најголемата македонска партија ја искористила оваа неусогласеност, што довело до дополнителни тензии во коалицијата.

Еден од клучните спорови бил околу излезот на АА со посебни листи за локалните избори, што не било прифатено од коалициските партнери.

„Имаше огромен притисок врз премиерот и решивме да преминеме во опозиција. Не можевме да останеме само симболично присутни во Владата без да реализираме ништо“, рече тој.

Како конкретни неисполнети точки, Таравари ги посочи блокираниот европски пат, недовршената децентрализација, укинувањето на „Балансерот“ и неизгласувањето на законот за соодветна застапеност. Според него, Албанците биле недоволно вработени во институциите, а граѓаните добиле впечаток дека ВЛЕН не се почитува во рамки на владејачката структура.

„Се обидовме да останеме заедно до локалните избори, но ултиматумите што ни беа поставени од коалициските партнери беа неприфатливи“, истакна Таравари, кој до неодамна ја извршуваше функцијата министер за здравство.

На крајот, тој им посака успех на останатите коалициски партнери кои продолжуваат да бидат дел од Владата.

CATEGORIES
TAGS
Share This