ТАРАВАРИ ПРОБЛЕМАТИЧЕН И ЗА ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ Села му порача на Ахмети да не помислува на задкулисни игри со Таравари
Тој испрати и директна порака до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со наводните договори за поделба на општини меѓу Ахмети и Таравари, нагласувајќи дека нема да прифати понижување и потценување.

Претседателот на Алијансата за Албанците (АА), Зиадин Села, во интервју за телевизијата Алсат изјави дека Арбен Таравари не заслужува да биде пречекан со раширени раце во Европскиот фронт, поради, како што рече, неговите сомнителни политички потези. Според Села, најмалку што Таравари може да направи во моментов е да поднесе оставка, како чин на признавање на направената грешка.
„Јавно извинување на еден политичар е оставка од функцијата. Ако го направи тоа, ќе разбереме дека сфатил дека згрешил. Ако не, тогаш станува збор само за промена на кожа, со цел повторно да ни сервира нешто што не е добро за граѓаните, особено за Албанците,“ истакна Села.
Тој испрати и директна порака до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со наводните договори за поделба на општини меѓу Ахмети и Таравари, нагласувајќи дека нема да прифати понижување и потценување.
„Не знам дали Али Ахмети има општини за делба, но јас нема да прифатам понижување од никого, особено не во однос на господинот Таравари,“ изјави Села.
Во јавноста се шпекулира за можна зделка меѓу Ахмети и Таравари, според која поранешниот генерален секретар на АА би добил контрола врз пет општини. Села демантира дека постои било каков договор од ваков тип со ДУИ и најави дека АА нема да прифати никакви договори кои не се базирани на рамноправност.
Тој откри дека имало обиди од страна на партии од власта да воспостават контакт со АА, но додаде дека тој одговорил на само едно барање, притоа останувајќи доследен на ставовите на партијата.
„Не играме на две маси. Ние, како партија, не даваме збор на две страни. Сериозни сме во нашето политичко делување,“ потенцираше Села.
На прашањето што ако политичкиот простор за АА се стесни, Села одговори дека партијата нема да го прекрши својот збор, но останува слободна во своето политичко делување. Доколку бидат изиграни, одлуката ќе ја донесат надлежните партиски органи.
Села издвои неколку клучни точки кои се предуслов за евентуална соработка со други партии – меѓу нив уставни измени, целосна примена на Бадинтеровиот принцип во Уставниот суд, укинување на формулацијата „20%“ и признавање на албанскиот јазик како службен без ограничувања.
„Мора да се создаде систем во кој Албанците и другите заедници ќе бидат недопирливи, без разлика кој е премиер и дали нè сака или не,“ рече тој.
Во интервјуто Села упати и повик до поранешните членови на АА кои биле со Таравари, но не ја заборавиле каузата, да се вратат во партијата, истакнувајќи дека има место за сите, освен за оние кои свесно работеле на нејзино разградување.
„АА што ја водам јас е отворена за сите што не ја заборавиле нејзината мисија. Но, за оние кои со јавни изјави ја растопуваа АА во ВЛЕН и ја негираа нејзината вредност – за нив нема место,“ заклучи Села.
Со ова, лидерот на АА испрати јасна порака дека партијата останува на својата политичка линија и нема да толерира дејствија што ја нарушуваат нејзината автономија и идентитет.


