ТАРАВАРИ ПОДНЕСУВА ОСТАВКА – неизвесна судбината на ресорите и пратениците
Министерот за здравство, Арбен Таравари, и официјално поднесува оставка, но сè уште не е познат неговиот наследник и дали функцијата ќе остане во рамки на коалицијата ВРЕДИ.

И покрај повлекувањето на Таравари, коалицијата тврди дека ќе ги задржи ресорите што ги имала Алијанса за Албанците.
Првиот вицепремиер Изет Меџити изјави дека во партијата на Таравари постојат несогласувања околу напуштањето на Владата и посочи дека има видливи поделби.
Министерот за социјала Фатмир Лимани пак, оцени дека Европскиот фронт не треба да се чувствува комотно, бидејќи дел од пратениците на Алијансата може да останат во Владата. Тој предвиде дека најмалку четворица пратеници ќе преминат во владината коалиција.
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е понудено и на пратениците на Таравари да се приклучат на новата пратеничка група на ВРЕДИ, но останува да се види кои ќе го сторат тоа.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сите кадровски решенија поврзани со партијата на Таравари ќе бидат познати идната недела, без да открие дали сите нивни функционери ќе заминат.


