ТАНЦУВАЊЕ, МУЗИКА И ИГРИ – Рецепти за забавување на стареењето и помлад мозок

Истражување покажува дека долготрајната креативност го чува мозокот млад

ТАНЦУВАЊЕ, МУЗИКА И ИГРИ – Рецепти за забавување на стареењето и помлад мозок
Фото: Принтскрин

Ново истражување покажува дека танцувањето, музиката, цртањето и играњето сложени видео игри не само што го подобруваат здравјето на мозокот, туку можат и да го забават неговото стареење.

Порталот Medical News Today објавува дека луѓето кои долготрајно се занимаваат со креативни активности имаат мозоци кои изгледаат „помлади“ од нивната биолошка возраст.

Студијата, објавена во списанието Nature Communications, анализирала податоци од повеќе од 1.400 учесници од 13 земји, вклучувајќи невровизуелизациски скенирања на мозокот. Меѓу нив имало експерти за танго, музичари, визуелни уметници и играчи на стратешки видео игри.

„Креативните активности како танцување, музика, цртање или играње сложени стратешки видео игри комбинираат многу работи што се добри за мозокот: ментален напор, емоционален ангажман, честа социјална интеракција и прецизна координација на движењата“, објаснува д-р Анета Бжежичка, психолог и раководител на Центарот за неврокогнитивни истражувања на Универзитетот SWPS во Полска.

Истражувачите користеле „мозочни часовници“ алгоритми кои ја проценуваат возрастa на мозокот според неговата електрична активност. Ако мозокот изгледа помлад од вистинската возраст, тоа покажува дека стареењето е побавно.

„Кај долгогодишните експерти за танго, музика, уметност и кај играчите на стратешки видео игри, мозокот е во просек 4 до 7 години помлад отколку кај врсниците со иста возраст, пол и образование“, додава Бжежичка.

Дури и краткото вклучување во креативни активности носи ефекти. Во помала студија, учесниците кои никогаш претходно не играле StarCraft II имале околу 30 часа тренинг, што ја намалило проценетата возраст на мозокот за околу три години. Исто така, го подобриле вниманието и перформансите во игрите, додека контролната група не покажала промена.

Експертите нагласуваат дека креативноста го стимулира мозокот да размислува апстрактно и да развива нови начини за решавање проблеми, нешто што класичните вештини, како математиката или меморирањето факти, не го овозможуваат на ист начин.

„Не мора да бидете експерт дури и цртањето со прсти или свирењето на едноставен инструмент може да биде корисно“, објаснува д-р Рафаел Валд, невропсихолог од САД.

Д-р Меган Глин, клинички невропсихолог, додава дека овие активности се важни од млада возраст, бидејќи помагаат во градењето на когнитивната отпорност и „мозочната резерва“, која може да го одложи падот на меморијата, вниманието и независноста во староста.

За почетниците, експертите советуваат да се фокусираат на она што навистина им се допаѓа.

„Пронајдете активности што ве забавуваат и мотивираат – музика, танцување, цртање или било што друго и започнете полека. Клучот е активностите да бидат забавни, а не обврска, за да бидат одржливи и корисни за мозокот“, советуваат стручњаците.

CATEGORIES
Share This