ТАМАРА КОТЕВСКА ГО ОСВОИ SUNDANCE – Новиот филм „Мамутите“ ќе ве остави без здив

Новиот документарен филм на Тамара Котевска „Мамутите“ добитник на престижна поддршка од Sundance Institute.

ТАМАРА КОТЕВСКА ГО ОСВОИ SUNDANCE – Новиот филм „Мамутите“ ќе ве остави без здив
Фото: Принтскрин

Документарниот филм на режисерката Тамара Котевска „Мамутите“ (The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan), копродукциски проект меѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, е меѓу добитниците на Sandbox Fund на Sundance Institute за 2026 година.

Овој фонд ја поддржува иновативната документарна продукција на пресекот помеѓу науката и раскажувањето, избирајќи ограничен број автори на глобално ниво. Поддршката од престижниот Sundance уште еднаш ја потврдува високата уметничка вредност на новиот филм на Котевска, каде таа е и режисер и продуцент.

„Мамутите“ ја раскажува приказната на млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој мора да избере помеѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. Филмот се снима во екстремни услови во Сибир и истражува сложената врска помеѓу традицијата и современите економски предизвици.

Минатата година, Тамара Котевска се претстави во Венеција со два документарни филмови. Проектот за „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, додека „Приказната за Силјан“ имаше европска премиера. Режисерското дуо Тамара Котевска и Љубомир Стефанов претходно беа двојно номинирани за Оскар за документарниот филм „Медена земја“.

Покрај Котевска, меѓу поддржаните автори од Sandbox Fund за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов, што ја потврдува растечката видливост на македонските документарни автори на меѓународната сцена.

Извршната директорка на Sandbox Films, Jessica Harrop, истакнува дека авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот помеѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја важноста на ваквите приказни во независниот филм.

CATEGORIES
Share This