ТАЈНИ ПОРАКИ НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – Државниот архив објави редок документ
Шифрираната азбука открива како Делчев комуницирал со четите низ Македонија

Државниот архив објави автентичен и оригинален документ по повод 154 години од раѓањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните македонски револуционери, идеолози и визионери, чие дело длабоко е врежано во темелите на македонската национално-ослободителна борба,
„Станува збор за шифрирана азбука што Делчев ја користел за тајна комуникација со револуционерните чети, поврзана со снабдувањето со оружје и нивното движење низ населените места во Македонија. Преку оваа азбука се обезбедувала доверливост на пораките, а нејзината употреба сведочи за високото ниво на организација и стратегиска мисла во рамки на македонското револуционерно движење“, наведуваат од Државниот архив во објава на својата Фејсбук-страница.
Од Архивот истакнуваат дека ваквите документи овозможуваат денес да се воспостави жива врска со минатото и подлабоко да се согледа големината и сложеноста на борбата за слобода и независност.
„Гоце Делчев не бил само револуционер со оружје во рака, туку и исклучителен интелектуалец, кој длабоко верувал дека силата на народот лежи во знаењето, дисциплината и единството“, порачуваат од Државниот архив.

