ТАЈНА ОПЕРАЦИЈА НА ЦИА: Американците сакале Черчил да води пропагандна војна против Москва
Во периодот кога се планирале емитувањата, тој ја одбил можноста да патува во Вашингтон, повикувајќи се на здравствени причини.

Американската разузнавачка агенција ЦИА кон крајот на 1950-тите години планирала да го вклучи поранешниот британски премиер Винстон Черчил во пропагандна кампања насочена против Советскиот Сојуз, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на новообјавени архивски документи.
Радио „Либерти“, медиум тајно финансиран од ЦИА, кое емитувало програми кон Источна Европа и СССР, сакало Черчил да се појави во специјална радио-серија посветена на 75-годишнината од смртта на Карл Маркс.
Главната цел на проектот била да се „поткопа довербата во секоја форма на марксизам“, преку користење ревизионистички советски мислители и промовирање на западни интелектуалци и политичари, со цел советските граѓани да почнат да ги доведуваат во прашање комунистичките идеи.
Меѓу поканетите личности, покрај Черчил, биле и британските политичари Клемент Атли, Анеурин Беван и Хју Гејтскел, како и познатите интелектуалци Артур Кестлер и Арнолд Тојнби. Од странство биле предложени Сидни Хук, Јуџин Лионс, Винсент Ориол и Бруно Петерман.
Иако името на Черчил се наоѓало на списокот, нема докази дека тој ја прифатил поканата. Во периодот кога се планирале емитувањата, тој ја одбил можноста да патува во Вашингтон, повикувајќи се на здравствени причини.
„Обидот на ЦИА да го вклучи Черчил е типичен пример за американската стратегија во текот на Студената војна – прикриени пропагандни операции со цел да се поткопа советскиот авторитет и да се поттикне преиспитување на марксистичките идеи“, изјави професорот Рори Кормак од Универзитетот во Нотингем.


