СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА – Современи македонски поети на сцената

Современи македонски поети од различни генерации ќе читаат свои стихови, а музичка програма ќе ја збогати атмосферата.

СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПОЕЗИЈАТА – Современи македонски поети на сцената
Фото: Принтскрин

Под слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“ ќе се одбележи Светскиот ден на поезијата со настан на кој ќе учествуваат околу 30 современи македонски поети и поетеси од различни генерации. Настанот ќе биде збогатен и со музичка програма од современи македонски музичари.

Темата на поетската вечер, која ќе се одржи во „Лабораториум“, не е случајно избрана.

„Патот е важна одредница за секој поет и на личниот, и на општочовечкиот план. Од почетоците на својата кариера, поетот се обидува да го изгради својот стил, да го најде својот уникатен пат во поезијата. Тој пат е истовремено примамлив и неизвесен, бара длабока внатрешна анализа, но и остар поглед кон секојдневното. На тој начин, поезијата може да се сфати како пат кон себеси, но и кон другиот, а поетот станува патник кој се упатува кон непознатото. За поетот, патот не е само цел, туку суштествена потреба на духот, израз на „поривот што за смисла не прашува“, вели поетесата Виолета Танчева-Златева, која подготвува „Антологија на патот“ од современата македонска поезија.

Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи младата поетеса Ивана Јовановска, а настанот ќе го модерира поетесата и новинарка Александра Спасеска.

Музичкото интермецо меѓу стиховите ќе го изведе Зарина Првасевда, додека „Поетроника“ со своите иновативни звуци ќе ја продолжи забавата до крајот на настанот.

Сите поети што ќе читаат се објавени на официјалните социјални страници на Издавачки центар ТРИ, кој во соработка со Општина Центар го организира овој настан за прослава на поезијата.

CATEGORIES
Share This