СВЕТОЛ ПОНЕДЕЛНИК НОСИ ПОРАКА НА НАДЕЖ – Верниците во празнично расположение

Храмовите повторно исполнети со молитви, свеќи и празнична атмосфера.

СВЕТОЛ ПОНЕДЕЛНИК НОСИ ПОРАКА НА НАДЕЖ – Верниците во празнично расположение
Фото: Принтскрин

Православните верници денес го одбележуваат вториот ден од најголемиот христијански празник Велигден, познат како Светол понеделник.

Воскресението Христово беше објавено на полноќ во сите храмови на Македонската православна црква. Голем број верници ги посетија црквите, палеа свеќи и се молеа за здравје, среќа и благосостојба на своите семејства и најблиски.

Велигден, односно Христовото Воскресение, се смета за најзначаен празник во христијанството, ден кога Исус Христос, според верувањето, воскреснал од мртвите и ја потврдил својата божествена природа. Празникот е длабоко вкоренет во верата и традицијата, а подготовките започнуваат уште на Велики четврток, кога рано наутро домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Со Светол понеделник продолжува празнувањето во таканаречената Светла недела. Велигденските празнувања траат три дена, а овој ден е посветен на дружење и продолжување на празничната трпеза со роднини, пријатели, кумови и соседи.

Во народната традиција, Светол понеделник се поврзува со радост и веселба, со верување дека празничното расположение носи среќа и успех во текот на целата година.

CATEGORIES
Share This