СВЕДОШТВА НА ПРЕЖИВЕАНИТЕ НАДАЛИНА И САНЕЛА ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Борба за живот во еден излез

Две млади девојки се присетуваат на најстрашната ноќ во нивниот живот

СВЕДОШТВА НА ПРЕЖИВЕАНИТЕ НАДАЛИНА И САНЕЛА ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Борба за живот во еден излез
Фото: Принтскрин

Страшниот пожар на 16 март, кој зави во црно десетици семејства и остави длабока болка во целата земја, останува една од најтрагичните несреќи што ја паметиме. Во огнената стихија во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа повеќе од 60 млади луѓе, а над 200 беа повредени.

Меѓу преживеаните се и двете девојки – 19-годишната Надалина Грозданова и 26-годишната наставничка Санела Давиткова, кои за „Курир.рс“ се присетија на кобната ноќ и хоророт низ кој поминале.

Според сведоштвото на Надалина Гроздановска во моментот на трагедијата била матурантка во средното хемиско-технолошко училиште, ученик на генерацијата, пијанистка, член на училишниот оркестар и млада девојка со јасна цел да студира медицина.

„Беше сабота, го славевме 19-тиот роденден на нашата другарка. Потоа петте заедно отидовме на настапот на ДНК. Сè изгледаше нормално, диџеј, па бендот. Беше преполно, стоевме близу сцената. Се вклучи пиротехниката, ништо необично. И потоа, за помалку од една минута пламенот беше насекаде.“ се присетува Надалина.

Толпата од над 600 луѓе се упатила кон единствениот излез. Гужвата била неподнослива.

„Другарките успеаја да излезат, јас не. Почнав да паничам и се онесвестив. Последното што го памтам се луѓе кои врескаат и се борат да стигнат до вратата. Кога се разбудив, беше темно. Не знаев дека се случило нешто толку сериозно. Можеби умот се обидува да избрише сè.“- додава таа.

Иако не памети делови од хаосот, сепак успеала да се извлече.

„Тоа не беше нешто што можеш сам да го направиш. Како да беше некоја виша сила.“ – вели Надалина

По трагедијата, Надалина поминала 75 дена во болница во Солун, со тешки изгореници на лицето, вратот и раката.

„Кога се разбудив од кома, не знаев ни каде сум. Родителите ми кажаа што се случило и дека многу од луѓето што ги познавав се повредени или загинати. Благодарна сум што не ме лажеа.“ – истакнува Надалина.

Таа додава дека трагедијата ѝ ја променила перспективата за животот:

„Сфаќаш колку е кратко сè за што мислиш дека вреди. Титулата ученик на генерацијата? Во интензивна нега вреди ништо. Единствено важно е да си жив, здрав и со своите најблиски. Сè друго може повторно да се постигне.“ – потенцира Надалина.

Според сеќавањата на Санела, наставничка од Кочани, вели дека целата вечер ја чекала со возбуда бидејќи ДНК биле нејзин омилен бенд.

„Бевме веднаш пред сцената, под пиротехниката. На почетокот мислевме дека пламенот е дел од настапот. Дури кога пејачот викна: ‘Излегувајте сите!’ сфативме дека е сериозно.“ – се присетува Санела.

Нејзиното друштво претежно успеало да излезе, но Санела и уште двајца се заглавиле точно на излезот.

„Од слободата ме делеше само еден чекор. Го почувствував жешкиот воздух и инстинктивно ги покрив лицето и рацете. Потоа краток мрак – се онесвестив.“ – додава таа.

Кога се освестила, била заглавена меѓу луѓе, опкружена со вресоци и гужва.

„На вратата го видов моето момче, но не ме препозна бидејќи сите бевме црни од чадот. На крај ме слушна и ме извлече.“ – истакнува Санела.

Надвор, тој повторно влегол да ги извлече и другите. Еден од нив Столе, момче кое многу ѝ значело подоцна им подлегнал на повредите во Белград.

Санела била лекувана во Солун, по што се вратила дома и на работа.

„На почеток учениците ме гледаа чудно. Но со време сè се среди.“ – истакнува Санела.

CATEGORIES
TAGS
Share This