СВЕЧЕНОСТ ВО ЧЕСТ НА ЛИТЕРАТУРАТА – Пет награди за пет истакнати автори

Петмина автори наградени за проза, поезија, есеистика и литература за деца

СВЕЧЕНОСТ ВО ЧЕСТ НА ЛИТЕРАТУРАТА – Пет награди за пет истакнати автори
Фото: Принтскрин

Со свечено врачување на годишните награди, Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) одбележа 79 години од своето основање. Годинашни лауреати се Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Елизабета Шелева, Хана Корнети и Ахмет Селмани.

Наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело ја доби Оливера Ќорвезироска за романот „Три Марии“ кој алудира на „Две Марии“ од Славко Јаневски. Таа истакна дека признанието има посебна вредност бидејќи доаѓа од колегите.

„Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга му припадна на Бранко Цветкоски за „Вообразби: лирски етиди од некој друг свет“ при што ја нагласи честа што неговото име се поврзува со Ацо Шопов.

Елизабета Шелева ја доби наградата „Димитар Митрев“ за книгата есеи „Книжевни созвучја и огледала“ посочувајќи ја важноста на книжевната критика и нејзиниот интегритет.

Признанието „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади ѝ беше доделено на Хана Корнети за „Илина и тајните на Бабин заб“ втор дел од планираната трилогија.

Наградата „Мост“, што се доделува за дело објавено на јазиците на заедниците во земјата, ја доби Ахмет Селмани за поетската книга „Инфинитивна поука“.

Претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, информираше дека здружението брои 171 член и најави активности во пресрет на големиот јубилеј за 80 години од основањето.

CATEGORIES
Share This