СВАДБА, ХАОС И ХУМОР – Филм што го покори Балканот
Комедијата што руши рекорди во регионот донесе вистинска свадбена атмосфера во Синеплекс Скопје

Свадба каква што само на Балканот може да се види со пиење, хаос и многу хумор, синоќа оживеа на големото платно во Синеплекс Скопје. По Белград, Загреб, Сараево и Љубљана, главниот град на Македонија беше домаќин на премиерата на комедијата за младенците Ана и Небојша – Хрватка и Србин, ќерка на банкротирал бизнисмен и син на српскиот шеф на дипломатија.
Филмот е копродукција меѓу Хрватска и Србија, во режија на Игор Шереги, и веќе се смета за хит во регионот, рушејќи рекорди по гледаност.
На премиерата, која наполни 17 сали, атмосферата беше како на вистинска свадба. Гостите беа пречекани со бенд и ракија, симбол на балканските свадби а статисти облечени како невеста и младоженец позираа за фотографии со публиката. Симболично, „невестата“ го фрли букетот во салата.
Комедијата предизвикува смеење до солзи: приказната започнува со бременост и еден повик од Лондон, по што следи лавина од балкански емоции, роднини, политика и хаос. Еден од главните музички моменти е песната „Се љубат добрите, лошите, злите“ на групата „Магазин“ од Сплит, снимена во 1989 година.
Филмот е препорачан за сите кои сакаат добра доза хумор, балкански шарм и секако вистинска свадбена атмосфера.


