СУДСКА ПРЕСВРТНИЦА ВО УСТАВНИОТ СУД Неуставно избрана судијка две години носела одлуки
Управниот суд утврди дека Судскиот совет, под раководство на тогашната претседателка Весна Дамева, го прекршил принципот на еднаква можност со тоа што не овозможил гласање за сите кандидати, туку само за првиот.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, испрати известување до Уставниот суд и Судскиот совет во кое ги информира за одлуката на Управниот суд со која се поништува изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, назначена во 2023 година. Со оваа одлука се отвора нова постапка за избор на уставен судија.
Иницијативата за оспорување на изборот на Дуковска дојде од судијката Антоанета Димовска, која пред две години беше една од трите кандидатки за функцијата, а денес е член на Судскиот совет. Според Управниот суд, изборот бил спроведен спротивно на Уставот од страна на две институции: Судскиот совет и Собранието.
Управниот суд утврди дека Судскиот совет, под раководство на тогашната претседателка Весна Дамева, го прекршил принципот на еднаква можност со тоа што не овозможил гласање за сите кандидати, туку само за првиот. Исто така, беше посочено дека на седницата на Советот немало расправа за оценките на кандидатите, а начинот на кој бил утврден редоследот за гласање бил арбитрарен и спротивен на правилата на постапката. Дополнително, Собранието, предводено од поранешниот претседател Талат Џафери, ја изгласало Дуковска со 64 гласа, што, според судот, било направено со повреда на уставната процедура.
Иако веќе две години делува како уставна судијка, Дуковска беше известител во неколку чувствителни предмети, меѓу кои и законот за употребата на јазиците, за кој Уставниот суд веќе утврди дека може да одлучува само во полн состав. Нејзиното повлекување го доведува во прашање понатамошното постапување по овој предмет и потенцијално го одложува донесувањето на конечна одлука.
Во јавноста одекна и нејзината улога во оценувањето на измените во Кривичниот законик од септември 2023 година, со кои беа амнестирани високи функционери осомничени за корупција. Тогаш Дуковска изјави дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на тие измени — став што беше предмет на широка критика.
Со оглед на ваквиот развој на настаните, институциите се соочуваат со нова одговорност: итно и транспарентно да ја започнат постапката за избор на нов уставен судија, со почитување на сите уставни и законски процедури.


