СУДИР НА ИНТЕРЕСИ И СПОРЕН СТАЖ – Панчевски со тешки обвинувања кон Советот
Кандидатот за државен јавен обвинител тврди дека членовите на Советот ја злоупотребиле службената положба и незаконски го оспориле неговиот непрекинат стаж од областа на кривичното право.

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски најави дека ќе поднесе кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители, откако ова тело не му даде позитивно мислење за неговата кандидатура.
Панчевски на својот фејсбук-профил објави дека, врз основа на член 272 од Законот за кривична постапка, до Министерство за внатрешни работи и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ќе поднесе кривична пријава „по допрен глас“ за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Кривичната пријава, како што наведува, ќе биде поднесена против Башким Бесими, претседател на Советот, Марјана Илиеска, заменик-претседател и членовите Јелена Догазанска Колева, Зорица Павловиќ, Ермон Незири, Кети Петкова, Светлана Стојковиќ, Душица Димитриеска, Ардиан Демири и Фатих Алиу.
Според Панчевски, членовите на Советот, со искористување на службената положба и со пречекорување на своите овластувања, постапиле спротивно на Законот за јавно обвинителство при утврдувањето дали тој го исполнува посебниот услов за непрекинат стаж од областа на кривичното право.
Тој наведува дека Советот заклучил оти не ги исполнува условите бидејќи во последните 13 години не бил судија ниту јавен обвинител, поради што неговиот стаж не можел да се смета за „непрекинат“. Панчевски, пак, тврди дека ова е спротивно на официјална потврда од Основен кривичен суд Скопје, со која се утврдува дека бил во редовен работен однос како судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година, со вкупен непрекинат судиски стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена.
Дополнително, Панчевски ја посочува Марјана Илиеска како лице кое, според него, требало да се изземе од одлучувањето поради можен судир на интереси. Тој наведува дека таа е сопруга на Орде Илиески, осуден за организиран криминал со пресуда што, како што тврди Панчевски, лично ја донел тој како судија.
„Оваа кривична пријава е одраз на трулиот судско-обвинителски систем и претставува предизвик до Јавното обвинителство и МВР да постапат и да расчистат со, како што ги нарекувам, контаминираните кадри кои носат селективна правда и го рушат угледот на судството“, наведува Панчевски.
Тој ја повикува Владата и органите на прогонот, како што вели, без одлагање да постапат по пријавата за, според него, директна злоупотреба на службената положба од страна на членовите на Советот.


