СУДИИТЕ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ – Замрзнатите плати го уриваат судството

Здружението на судиите на Република Македонија поднесе дополнување до Уставниот суд и предупредува дека трета година замрзнати плати го разградуваат правосудниот систем

СУДИИТЕ НАЈАВУВААТ ПРОТЕСТИ – Замрзнатите плати го уриваат судството
Фото: Принтскрин

Судскиот корпус во државата се соочува со сериозна институционална криза, предупреди денес Здружението на судиите на Република Македонија (ЗСРМ). Од здружението информираат дека доставиле дополнување до иницијативата поднесена пред Уставниот суд, со која бараат оценка на уставноста на најновите измени во Законот за платите на судиите, усвоени на 25 февруари 2026 година.

Како главна причина ја наведуваат одлуката судиските примања трета година по ред да останат замрзнати, што, според нив, претставува недозволиво поткопување на независноста и функционалноста на судството.

Од ЗСРМ оценуваат дека состојбата е алармантна и најавуваат дека, доколку продолжи сегашниот тренд, судиите ќе пристапат кон видливи и конкретни форми на протест, кои нема да останат само на декларативно ниво.

Во соопштението, здружението ги наведува клучните услови што ги смета за неопходни за стабилизација на правосудниот систем: итно укинување на измените во Законот за платите и „одмрзнување“ на судиските примања; зголемување на платите на судската администрација, која масовно ја напушта професијата поради ниски приходи и итно објавување конкурси за нови вработувања во судовите за да се обезбеди нивно нормално функционирање.

Судиското здружение упати и остра критика до пратениците, обвинувајќи ги дека измените биле донесени набрзина, без јавна дебата и спротивно на уставните одредби, особено членот 32 од Уставот. Според ЗСРМ, ваквиот пристап ја девалвира улогата на судиите и создава правна несигурност.

„Сите граѓани се погодени од економската состојба и имаат забелешки за институциите, но решението мора да биде владеење на правото, а не уривање на Уставот преку таргетирање на една мала група граѓани“, порачуваат од здружението.

Во обид да ја разјаснат јавната дебата за судиските плати, од ЗСРМ наведуваат дека по последното зголемување од 78 отсто, просечната плата на судиите во прв степен изнесува околу 86.000 денари. Без тоа зголемување, платите би биле на ниво блиску до државниот просек,  нешто над 50.000 денари, што, според нив, е далеку под регионалниот и европскиот просек.

Дополнителен проблем, како што посочуваат, е масовниот одлив на кадар од судската администрација поради ниски плати и неисплатени додатоци, што директно го забавува решавањето на предметите и најмногу ги погодува граѓаните.

Во заклучокот, ЗСРМ упатува јасна порака до извршната и законодавната власт: доколку продолжи деградацијата на судството, доколку измените во Законот останат во сила и ако судската администрација и понатаму се третира маргинално, судиите ќе прибегнат кон нови и порадикални форми на протест.

CATEGORIES
Share This