СТУДЕНТИТЕ АЛБАНЦИ СО ПОРАКА – Не го допирајте Законот за јазиците, Мендух Тачи против протестите
Студентите излегоа пред Министерството за правда со барање правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

Сценографија само со албански и американски знамиња, како и транспаренти со пораки „Стоп за институционалната дискриминација“, денеска пред Министерството за правда се одржа протест на студенти кои бараат правосудниот испит да може да се полага на албански јазик.
Учесниците носеа и политички пораки како „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“, а дел од нив испратија директни апели до правосудните институции и Уставниот суд на Република Северна Македонија. Една од најповторуваните пораки на протестот беше „Не го допирајте Законот за јазиците!“, придружена со скандирања за одговорност и оставки.
Според важечката правна рамка, барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик отвора и уставни дилеми, бидејќи за ваква промена би била потребна интервенција во Уставот.
Во пресрет на протестот, премиерот Христијан Мицкоски ги повика студентите и граѓаните да не дозволат да бидат „алатка во рацете на опозициската политичка партија“. Тој истакна дека Владата веќе формирала група уставни експерти која работи на изнаоѓање решение.
Протестот се одржа под засилено полициско присуство, а сообраќајот во централното градско подрачје беше привремено пренасочен.
од друга страна, лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, остро реагираше на најавениот протест на албанските студенти поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит, оценувајќи го како политичка манипулација.
Тачи истакнал дека, иако студентите можеби имаат оправдани барања и заслужуваат поддршка, начинот на организација на протестите, според него, претставува „најперфидна форма на легитимирање на неуспесите“ на ДУИ.
Тој додал дека ваквиот пристап ја доведува во заблуда албанската јавност во Македонија, како и меѓународната заедница, споредувајќи ја ситуацијата со минати периоди кога Албанците се бореле за основни права.
Според Тачи, недозволиво е во 21 век сè уште да се отвора прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик, потенцирајќи дека неговата партија не поддржува ваков начин на делување.
Воедно, тој изразил сомнеж за можно влијание на различни политички фактори во организацијата на протестите, нагласувајќи дека неговите ставови произлегуваат од лично политичко искуство.
