СТУДЕНТИТЕ ГИ ПРОДАВААТ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИ – Совеста е нивна, парите се реални

55.000 студенти ќе добијат по 15.300 денари за набавка на уреди

СТУДЕНТИТЕ ГИ ПРОДАВААТ ВАУЧЕРИТЕ ЗА ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕДИ – Совеста е нивна, парите се реални
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, коментираше случаи кога студенти кои добиле ваучер за набавка на електронски уред, потоа ги продаваат. Таа истакна дека проектот бил ветен и реализиран, а дека е на совеста на студентите како ќе постапуваат со ваучерите.

„Проектот беше ветен, ваучерите им беа ветени на студентите, и секогаш се трудиме да ги оствариме ветувањата. Има досетливи студенти кои на различни начини се обидуваат да си го олеснат животот, но со тоа не можеме да се справиме. Ние се фокусираме на внесување нови вредности во образовниот систем, нови програми и теми. Останува на нивната совест да одлучат што ќе прават со ваучерите“, рече Јаневска за време на одбележувањето на 70-годишнината на Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ во Скопје.

Надлежните објавија дека ќе се доделуваат вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди. Јаневска на „Фејсбук“ истакна дека 55.000 студенти ќе добијат по 15.300 денари за овој намен.

„Повикот е објавен и може да се аплицира преку порталот uslugi.gov.mk најдоцна до 20.12.2025 година. Ги повикувам студентите да се пријават и да го остварат своето право“, додаде министерката.

CATEGORIES
TAGS
Share This