СТУДЕН ШОК – Утре наутро до -20°C
Поларна воздушна маса од север носи екстремен студ, силни мразеви и голомразица

Територијата на Македонија во текот на ноќта ќе биде под влијание на уште поладна поларна воздушна маса од север, што дополнително ќе предизвика значително опаѓање на температурите. Истовремено, облачноста постепено ќе се намалува, но ќе продолжи да дува повремено засилен ветер од северен правец.
Утрото во понеделник, 12 јануари, ќе биде екстремно студено низ целата земја. Минималните температури ќе се движат од -17 до -5 степени, додека во планинските предели се очекува тие да се спуштат и до -20 степени. Во Скопје, утринската температура ќе изнесува околу -10 степени.
Многу студено ќе остане и во текот на денот во понеделник, при што температурите ќе се задржат под нулата и ќе се искачуваат во интервал од -7 до 1 степен. Во главниот град максималната дневна температура ќе достигне околу 0 степени.
Поради екстремно ниските температури, во текот на ноќта се очекува појава на силни мразеви, како и голомразица на патиштата. Поради тоа, се апелира до возачите да бидат особено внимателни при управувањето со своите возила.


