СТРУМИЧАНКАТА СОФИЈА СТОЈАНОВА – Добитник на наградата за најдобра беседа

Наградата ќе ѝ биде врачена на 6 февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид

СТРУМИЧАНКАТА СОФИЈА СТОЈАНОВА – Добитник на наградата за најдобра беседа
Фото: Принтскрин

Годинашен добитник на наградата за најдобра беседа на конкурсот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ на тема „По песната птиците се разликуваат“ е Софија Стојанова, ученичка во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица.

Нејзината беседа, под шифра „Тивериопол“, ја потврди како своја авторка, а Библиотеката доби потврда и од нејзината професорка по македонски јазик и литература, Боркица Филева.

„Добивањето на наградата од конкурсот распишан од Библиотеката во Охрид за мене претставува исклучително значајно признание и длабока лична радост. Овој успех не го доживувам само како потврда за мојот труд, туку и како охрабрување да продолжам уште посветено да се надградувам и да го следам патот на знаењето. Ова признание е поттик да бидам уште поодговорна кон сопствените цели и уште похрабра во остварувањето на своите соништа“, изјави Стојанова за веб страницата на Библиотеката.

Младата авторка веќе се профилирала како изграден писател, а тоа го потврдуваат и наградите кои ги освоила во изминатите две години: Прво место на литературниот конкурс „Со својот живот Ацо Шопов опеал дело, а во своите дела го опеал животот“ – Општина Штип, Прва награда на литературниот конкурс „Топли гнезда“ – Општина Струмица, Прво место на конкурсот „Дигитални човекови права и приватност во ерата на технологијата“ – Општина Струмица, Прва награда на литературниот конкурс „Моето посебно другарче“ – Општина Струмица и прво место на конкурсот „Тишината понекогаш зборува најгласно и најдобро за делата и поетот Ацо Шопов“ – Општина Штип

На Софија Стојанова наградата ќе ѝ биде доделена на 6 февруари, во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид, заедно со парична награда од 9.000 денари и признание со ликот на Григор Прличев.

CATEGORIES
Share This