СТРАВУВАЊА ВО АЛБАНИЈА: Пожар зафати 11 куќи и црква стара два века (ВИДЕО)

Силни пожари разгорени од ветерот зафатија неколку области во Албанија, при што во селото Сеница биле уништени 11 куќи и црквата „Свети Димитрија“ — културно наследство од прва категорија, изградена пред два века. Овој трагичен настан дополнително ја влоши веќе сериозната пожарна криза која ја зафати земјата во изминатото деноноќие.
Пожарот се шири со голема брзина поради стрмниот терен, високите температури и силниот ветар, што ја отежнува интервенцијата на терен. Пожарникарите добиваат помош од припадници на армијата, локалното население, како и два ангажирани хеликоптери, со цел да се спречи натамошно ширење на огнената стихија кон соседните села.
„Ситуацијата останува тешка. Огнот уништува сè пред себе, а неколку домови сè уште се загрозени,“ изјавил загрижен жител на Сеница за медиумите.
Според телевизијата „Топ Ченел“, досега се опожарени и големи површини шума, а опасноста не стивнува. Во текот на последните 24 часа, на територијата на Албанија биле регистрирани вкупно 45 активни пожари.
Властите апелираат на крајна претпазливост и подготвуваат дополнителни екипи доколку се прошири кризата во наредните денови.


