СТРАНСКИ ФОНДОВИ ГИ КРЕВААТ ЦЕНИТЕ – Квадрат стан во Скопје до 3.000 евра

Дански инвестициски фонд купи 250 станови, планира 1.000

СТРАНСКИ ФОНДОВИ ГИ КРЕВААТ ЦЕНИТЕ – Квадрат стан во Скопје до 3.000 евра
Фото: Национал

Странските инвестициски фондови кои масовно купуваат станови во Скопје дополнително ја зголемуваат цената на квадратниот метар, кој веќе достигна и до 3.000 евра. Ова во емисијата Бизнис 21 го потврдија Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, и Слободан Митровски од Агенцијата за недвижности „Асторија“.

Дански инвестициски фонд веќе купил 250 станови на атрактивни локации во Скопје, а планот им е да стигнат до 1.000 станови за кратко време.

„Секако дека ќе ги покачи цените. Информациите кои излегоа во јавноста веќе влијаат, а цената ќе трпи корекција нагоре“, изјави Митровски.

Јаќимовски додава дека ваквите инвестиции покажуваат стабилен пазар на недвижности, потврден од анализите на европски и светски фондови.

Митровски објаснува дека фондовите не купуваат станови за изнајмување, бидејќи тоа не би им донело поврат на инвестицијата во рок од 25 до 30 години. Тие ги купуваат становите во изградба за да ги продадат по повисока цена и да остварат профит.

Покрај тоа, се отвори дебата за дивоградбите и проблемите на граѓаните кои долго време не можат да добијат имотни листови за своите станови.

„Ако објектот има изведено горен венец од метар и дваесет, дали ќе добие имотен лист?“ праша Митровски.

Тој додава:

„Не. Проблемот е кај инвеститорот, но ништо не е невозможно да се открие“.

Соговорниците се согласуваат дека на високите цени најмногу влијае отсуството на државна стратегија. Тие нагласуваат дека итно е потребно носење Детални и Генерални урбанистички планови и определување локации за градба. На тој начин би се обезбедил баланс и би се граделе станови со пониски цени за граѓаните.

CATEGORIES
Share This