СТАТИСТИКА ЗА МОРТАЛИТЕТОТ ВО 2024 Бројот на починати лица во пораст, мажите починуваат порано

Најчеста причина за смрт биле болестите на циркулаторниот систем, кои учествуваат со 36,7% од сите смртни случаи

СТАТИСТИКА ЗА МОРТАЛИТЕТОТ ВО 2024 Бројот на починати лица во пораст, мажите починуваат порано
Фото: ДЗС

Во текот на минатата година, бројот на починати лица во земјава се зголемил за 0,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Анализата открива дека мажите починуваат почесто и во просек 4,9 години порано од жените.

Од вкупно 20.201 починати лица, 52,5 проценти (10.604) се мажи, додека жените сочинуваат 47,5 проценти (9.597). Просечната возраст при смрт кај мажите изнесува 71,9 години, а кај жените 76,8 години.

Најмногу смртни случаи биле регистрирани во месец јануари (2.010), додека најмалку во април (1.518). Во текот на 2024 година починале и 47 доенчиња, што претставува 0,2% од вкупниот број на починати.

Најчеста причина за смрт биле болестите на циркулаторниот систем, кои учествуваат со 36,7% од сите смртни случаи. Следуваат малигните заболувања (неоплазми) со 19,6%, ендокрини, нутритивни и метаболички нарушувања со 7,7%, и болестите на респираторниот систем со 4,1%. Останатите причини се помалку застапени.


CATEGORIES
Share This