СТАРТУВА ЗИМСКИОТ РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ Задолжителна зимска опрема за сите возила до 15 март

Од денеска сите возила што учествуваат во сообраќајот мора да бидат опремени со зимска опрема, обврска која ќе важи до 15 март наредната година. Институциите предупредуваат дека со најавените пониски температури и можни снежни врнежи, правилната подготовка на автомобилите е клучна за безбедно движење и избегнување казни.
Пропишаните услови се различни во зависност од категоријата на возилото. Автомобилите и комбињата со маса до 3.500 килограми треба да имаат зимски гуми на сите тркала со најмалку 4 милиметри длабочина на шарата. Доколку возачите се движат со летни гуми со иста минимална длабочина, задолжително мора да носат синџири за снег.
Возилата со погон на сите тркала, пак, мора да имаат уште построги услови – зимските гуми треба да имаат најмалку 6 милиметри шара, додека летните гуми мора да бидат со најмалку 4 милиметри, повторно со задолжително носење синџири.
За возилата потешки од 3.500 килограми важат слични правила: потребни се зимски гуми со длабочина од 6 милиметри на погонските тркала или летни гуми со минимум 4 милиметри, со задолжително користење или носење синџири за снег.
Дополнително, автобуси и товарни возила кои не можат да користат синџири мора да имаат прирачен алат, како лопата, за интервенција во зимски услови.
Одговорните институции најавуваат засилени контроли, особено на критичните делници и планинските премини, каде зимската опрема е најпотребна. Возачите се повикуваат навреме да ги проверуваат гумите, притисокот и резервната опрема, за да избегнат непријатности и безбедносни ризици на патиштата во зимски услови.

