СТАРТУВА ПИЛОТ-ФАЗАТА НА СИСТЕМОТ Е-ФАКТУРА Нов чекор во дигитализацијата на даночните процеси

СТАРТУВА ПИЛОТ-ФАЗАТА НА СИСТЕМОТ Е-ФАКТУРА Нов чекор во дигитализацијата на даночните процеси

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска и директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, денеска официјално го најавија почетокот на првата тест-фаза на системот е-Фактура, со што започнува една од најзначајните реформи во дигитализацијата на финансиските и даночните процеси во државата.

На заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата, беше истакнато дека пилот-проектот претставува важен чекор кон поголема транспарентност, ефикасност и борба против сивата економија.

Министерката Димитриеска – Кочоска нагласи дека воведувањето на е-Фактура ќе значи напуштање на хартиените процеси и поедноставување на деловното работење, особено за компаниите.

„Со овој систем ја правиме економијата потранспарентна и поконкурентна. Создаваме фер правила за сите, а државата добива поефикасен механизам за наплата на даноците и борба против нерегуларностите. Ова е реформа што носи долгорочна стабилност и економски раст“, истакна министерката.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, појасни дека во оваа фаза се тестира АПИ-интерфејсот (API) – техничко решение кое овозможува автоматска и стандардизирана размена на електронски фактури помеѓу деловните софтвери и државниот систем.

Техничката документација е веќе јавно достапна, а тест-платформата е активна. Во пилот-фазата можат да учествуваат исклучиво регистрирани корисници на системот е-УЈП, при што нивните забелешки и сугестии ќе бидат клучни за финалното унапредување на системот.

Компаниите и ИТ-субјектите кои сакаат да учествуваат во тестирањето треба:

  • да се запознаат со проектната документација на efakturawiki.ujp.gov.mk;
  • да ги прилагодат своите софтверски решенија на техничките барања;
  • да се регистрираат на тест-околината на УЈП и да овозможат пристап до системот е-Фактура;
  • да доставуваат дигитално потпишани тест-фактури преку API-интерфејсот.

За време на тестирањето, компаниите ќе имаат увид во испратените и примените тест-фактури, а УЈП воспостави и посебен канал за поддршка преку електронската адреса Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk.

Петрова појасни дека во тест-фазата се користат реални податоци од регистрите на УЈП, но тест-фактурите немаат правна или даночна важност. По успешната валидација, секоја фактура добива уникатен електронски идентификатор (еИД), а и издавачот и примачот добиваат нотификација во реално време.

До крајот на првиот квартал годинава се очекува објава на клиентска апликација и веб-портал за компании кои немаат сопствени системи за фактурирање, додека во вториот квартал е планирано пуштање на продукцискиот сервер и постепен премин кон целосна примена.

Системот е државен, централизиран и функционира без посредници, со директна комуникација помеѓу компаниите и УЈП. Тој е усогласен со меѓународните стандарди и концептот Tax Administration 3.0 на ОЕЦД.

CATEGORIES
Share This